ПО ВРАЌАЊЕТО ОД БАЊА ЛУКА
Стојан Богдановић, песник и математичар |
Поминаа три недели од поаѓањето од Бања Лука.
Мајка ми, брат ми и јас продолживме за Књажевац,
Очувот, Лоте, бањалучки делија,
Остана со покуќнината во Ниш.
Дел од неа што ја понесовме со нас
Ја сместивме во една стара куќа.
Шишиња за кабеза и сифони
Се тркалаа низ цел двор,
Никој не можеше да ги стигне.
Во нив сосетките повеќе децении
Оставаа сок од домати.
Онака како и кога се селевме во Бања Лука,
Прв замина Лоте, а ние по него.
Повторно се уверив
Дека неколку месеци траат подолго од неколку години.
Тој остана во Ниш, а ние ќе појдеме таму,
Кога ќе се создадат историски услови.
Мене бргу ме вратија во Ниш.
Лоте најде локал и ортак –
Тоа беше прочуениот Јован Апел,
Предвоен индустријалец.
Но некој требаше да дежура во дуќанот,
Да полни сода и клакери.
Апел беше фин господин,
Залижан како Марлон Брандо како кум.
Пушеше како смок
И стално нешто запишуваше.
Беше постојано набљудуван.
Со свои очи видов кога дојдоа
Да се распрашуваат оние со кожуви.
Лоте тогаш ќе ме истераше велејќи,
Сине, земи пари од фиоката
И тркни до Цока,
Купи нешто за ручек.
Жената на Апел беше лисокоса.
Во тоа време и не помислував дека жените
Се натпреваруваат во бојосување на коси, нокти...
Мислев дека така се родени.
Устата и беше нацрвена
Како излиена.
Очите – морски, сини, длабоки, го голтаа светот.
Употребуваше некој дискретен парфем
И не смрдеше како оние нашите
Што на пазариштето кај крепоста
Продаваа живина во аголот –
Мисирки, гуски, кокошки...
Беше убава како жена му на Келава
Што продаваше долна облека
Во новата стокова куќа
На Плоштадот на слободата.
Сите знаат дека Ниш
Го ослободи Крал Милан.
Но, плоштадот до денес не го освои.
Тома Келава беше боксерски шампион.
Со помош на скала крадешка влегов
Во стадионот на „Раднички” за да гледам
Како го суредува Линка.
Колку што дојдов на врвот на трибината
Видов како еден милиционер
Јавајќи на коњ со кренат меч
Јуриша кон мене како Турчин
Кога кнез Милан
Го ослободуваше нашот царски град.
Толку остро ме врсна со сабјата по грбот,
Ми ја искина единствената кошула,
А на грбот како спомен на победата на Тома
Засекогаш ми остана долг црвен белег.
Белегот љубоморно го чував од женските погледи,
Не ѝ го покажав ниту на мајка ми зашто веднаш ќе дознаеше
Како ми се искина кошулата,
А тоа веќе ќе беше голема беља.
Карши нашиот дуќан доѓаше циркусот „Медрано”.
Ги гледав сите претстави.
И сите циркузантки беа бојосани.
Сопственик на циркусот беше Милан Слива*,
Човек кој го љубеше циркусот,
Живееше за циркусот,
Живееше во својот циркус,
Се снаоѓаше
А ние со сопствениот циркус постојано кубуриме.
По еден месец дојдоа мајка ми и брат ми.
Мене ме испратија кај вујко ми Миле во Јаловик Извор.
Тамо вршидбата беше во ек.
Ги терав коњите околу стожерот на гумното по цел ден,
Сè додека од класјето не ќе го истерав и последното зрно.
Ги сакав коњите.
Сега гледам дека коњи можат да раководат и со држава.
Во тој случај ним им следува името – коњишта!
Есента мајка ми ме запишта во техничко училиште,
Никој не ме праша дали го сакам тоа,
Беше важно што побргу да завршам
Да дојдам до парче леб.
Не помина многу време од тргувањето на училиште,
Ме сместија во еден интернат.
Како жртва на фашистичкиот терор,
Се разболив.
Мајка ми реши да ме врати во Књажевац,
Докторите се сомневаа дека имам офтика,
А јас имав пролив.
Серев како грлица.
Лоте најде некаде јаглен
И некако ми го затнаа газот.
Бев слаб, кожа и коски,
Ништо од училиштето,
Не можев ниту да стојам
А камоли да одам на училиште.
Таа зима ме креваа од умрените.
Пролетта се запишав во Књажевачка гимназија.
Не бев лош ученик, ама бев избувлив господ да чува.
Се расправав со професорите,
Тие велеа дека сум кавгаџија!
Не им попуштав ни кога беа во право,
А ни тие не беа цвеќиња,
Се правеа дека сè знаат.
Но дека знаеја, знаеја.
Вистинска господа,
Сè правдаа со нашата младост.
И беа во право
Зашто само младоста има право
На грешни мисли!
Мајка ми се убиваше зборувајќи,
Катадневно ми држеше лекции,
Ми се закануваше, предупредуваше, вревеше:
Ако не сакаш да учиш, ќе чуваш овци,
Но бидејќи ние ги немаме,
Ќе чуваш туѓи!
Љубеше да каже:
Мојот син!
А гледав како расте,
Кога на крајот на училишната година
Ќе ѝ ја покажев книшката.
Пак се вљубив,
А можеби она пред тоа беше само сон.
24 јуни 2020 год.
_________________________________
* Циркусот „Медрано“ е основан во 1705 година во Полска, во градот Племши.
Од 1939 година е преселен во Србија, во Нови Сад. Неговиот сегашен сопственик
е Милан Слива (67), по националност Полјак.
Од српски превел: Ристо Василевски
Нема коментара:
Постави коментар